И родителот е важен: мали паузи и поддршка за вас

—

5–8 minutes

Ако сте родител на дете во спектарот, веројатно сте слушнале совет „одморете се малку“ и сте си помислиле: Кога? И кај кого да го оставам детето? Овој текст не е уште еден список на работи што „треба“ да ги правите. Тој е потсетник дека вашата исцрпеност е разбирлива, дека не сте сами во неа и дека и најмалите чекори се сметаат.

Не е во вашата глава: стресот е реален

Канадските истражувачки Хејс и Вотсон ги собрале и ги споредиле резултатите од повеќе студии за родителскиот стрес. Нивната анализа, објавена во 2013 година, покажала дека родителите на деца во спектарот во просек доживуваат значително повеќе стрес од родителите на деца со типичен развој. Тоа не значи дека правите нешто погрешно. Значи дека носите поголем товар, а на поголем товар му треба и повеќе поддршка.

Грижата за себе не е себичност

Многу родители чувствуваат грижа на совест штом ќе помислат на себе: „Како да одморам кога му требам на детето?“ Но вие не сте машина што работи без гориво. Кога сте исцрпени, потешко е да бидете трпеливи, да ги забележите раните знаци на стрес кај детето и да останете мирни во тешките моменти. Кога ќе се одморите, макар и малку, полесно ви е да бидете родителот каков што сакате да бидете. А децата учат од нас и тоа како се грижиме за себе.

Затоа грижата за себе е дел од грижата за детето, а не нешто што му го одземате. Родител кој има од каде да црпи сила може подобро да биде тука за своето дете.

Бидете благи кон себе

Сочувството кон себе значи да се однесувате кон себе со истата благост со која би се однесувале кон пријател во тешка ситуација. Истражување со родители на деца со аутизам покажало дека сочувството кон себе е поврзано со подобра благосостојба кај родителите, без разлика колку се изразени тешкотиите кај детето. Со други зборови, начинот на кој разговарате сами со себе има значење.

  • Кога ќе се запрашате „Дали сум лош родител?“, запрашајте се и: што би ѝ кажале на пријателка во истата ситуација? Кажете си го тоа и на себе.
  • Лош ден не значи лош родител. Сите имаме денови кога ништо не оди како што сме замислиле.
  • Забележете ги малите победи, и на детето и вашите. Кога сме исцрпени, лесно ги гледаме само тешкотиите, а напредокот често се крие во мали работи:
    • „Денес се облековме без плач.“
    • „Денес ја помириса новата храна, иако не ја проба.“
    • „Денес излеговме од продавница без тантрум.“
    • „Денес ми покажа со картонче дека е лут, наместо да фрла играчки.“
    • „Денес се изнасмеавме заедно.“
    • „Денес вдишав длабоко пред да викнам.“
    • „Денес побарав помош, иако ми беше тешко.“
    • „Денес седнав пет минути со кафе и не се чувствував виновно.“

📝 Запишете ги малите победи во тетратка или во телефон. Во тешките денови, кога ќе ви се чини дека ништо не напредува, прочитајте ги. Ќе видите колку пат сте поминале.

Мали паузи, и кога немате време

Советот „одвојте време за себе“ звучи убаво, но за многу родители е нереален. Наместо да чекате цел слободен час, кој можеби никогаш нема да дојде, обидете се со кратки паузи вметнати во обичниот ден. Raising Children Network наведува дека и десетина минути релаксација на почетокот или на крајот од денот може да помогнат. Пауза не мора да значи излегување од дома:

  • Неколку длабоки вдишувања додека врие водата за кафе.
  • Пет минути на балкон или крај прозорец, додека детето е на безбедно место или е зафатено со нешто.
  • Омилена песна во слушалки додека ги миете садовите.
  • Вечер, пред спиење, една реченица во тетратка: што беше тешко денес и што успеа.

Ова нема да ја избрише исцрпеноста. Но е подобро од ништо, а „ништо“ е често токму она што си го дозволуваме.

Кога ви е тешко да побарате помош

Лесно е да се каже „побарајте помош“. Но некои родители немаат партнер, бабите и дедовците се далеку или и самите им требаат грижа, а пријателите не секогаш разбираат. Други имаат луѓе околу себе, но им е тешко да побараат: од срам, од страв дека ќе бидат товар или затоа што чувствуваат дека никој друг „не знае“ со нивното дете. Сите овие чувства се нормални.

  • Почнете со мало и конкретно барање. „Може ли да ми купиш леб кога ќе одиш до продавница?“ На мало и јасно барање луѓето полесно велат „да“ отколку на општото „фала ако можеш да помогнеш“.
  • Помошта не мора да биде чување на детето. Може да биде готвен ручек, придружба до лекар, превоз или само разговор на телефон кога ви е тешко.
  • Ако никој друг „не знае“ со детето, научете некого полека. Поканете го да биде со вас и со детето неколку пати, додека вие сте присутни. Така и детето и тој човек ќе се навикнат еден на друг.
  • Кога некој ќе понуди помош, кажете „да“. Дури и ако не е направено точно како што вие би го направиле.

Не сте сами: други родители и групи за поддршка

Разговорот со родители што минуваат низ нешто слично често помага повеќе од кој било совет. Тие разбираат без долги објаснувања, не судат и често знаат практични работи: кои услуги постојат, кај кое стручно лице имале добро искуство, како се справиле со истиот проблем. Групите за поддршка, во живо или онлајн, ги препорачува и Raising Children Network.

  • Прашајте во градинката, училиштето или кај стручните лица што работат со вашето дете дали знаат за групи или средби на родители.
  • Побарајте здруженија на родители на деца во спектарот во вашиот град.
  • Онлајн групите се добар почеток ако немате време или можност да излезете. Имајте предвид дека не секој совет таму е проверен, па за важни одлуки консултирајте се со стручно лице.

И ако сакате да споделите како се справувате или што ви е најтешко, пишете ни. Од вашите искуства учиме и ние и другите родители.

Кога да побарате стручна поддршка

Ако подолго време се чувствувате исцрпени, тажни или без надеж, ако не можете да спиете или чувствувате дека повеќе не можете, разговарајте со вашиот матичен лекар, психолог или друго стручно лице. Raising Children Network советува да почнете од матичниот лекар, кој може да ве упати понатаму. Барањето помош не е знак на слабост. Тоа е грижа, и за вас и за вашето дете.

Извори и дополнително читање

ℹ️ Важна напомена. Содржината на овој текст е наменета само за општо информирање и не претставува медицински, терапевтски или друг стручен совет. Не ја заменува проценката, дијагнозата или третманот од лекар, дефектолог, логопед или друго стручно лице што го познава вашето дете. Секое дете е различно, и она што помага кај едно дете не мора да помогне кај друго. Ако имате загриженост за здравјето, развојот или однесувањето на вашето дете, обратете се кај стручно лице. Линковите кон надворешни страници се дадени за дополнително информирање. Здружението Аурора Лумина не е одговорно за нивната содржина и не ги контролира. Информациите и линковите се проверени на датумот на објавување и со текот на времето може да се променат.

Leave a Reply