Пред првата посета кај стручно лице: како да се подготвите

—

3–5 minutes

Првата посета кај дефектолог, логопед или психолог може да предизвика трема и кај родителот и кај детето. Нормално е да сте нервозни, па дури и да се плашите од она што ќе го слушнете. Добро е да знаете дека првата средба ретко ги дава сите одговори. Таа е почеток, а не конечна пресуда. Малку подготовка ќе ви помогне средбата да помине поопуштено и да добиете повеќе од неа.

Ако не знаете од каде да почнете

Ако не сте сигурни кај кое стручно лице да одите, почнете од матичниот педијатар. Тој го следи развојот на вашето дете и може да ве насочи кај соодветното стручно лице.

Запишете ги вашите забелешки

Во ординацијата лесно се заборава она што сакавте да го кажете, затоа запишете го однапред. Raising Children Network препорачува забелешките да бидат што поконкретни:

  • Што точно забележувате. Наместо „не зборува многу“, напишете на пример: „Користи неколку зборови, а кога сака нешто, ме води за рака до него.“
  • Кога првпат сте го забележале тоа, на колку години било детето и колку долго трае.
  • Во кои ситуации му е полесно, а во кои потешко.
  • Што забележале во градинката или во училиштето.
  • Што детето сака да прави и во што е добро. Стручните лица ги проценуваат и силните страни, не само тешкотиите.
  • Прашањата што сакате да ги поставите. Означете ги двете-три најважни, за да не останат неодговорени ако времето е кратко.

💜 Вие го познавате вашето дете најдобро. Стручното лице го гледа за кратко време и во непознат простор, а вие секој ден. Вашите забелешки се важен дел од проценката.

Понесете што може да помогне

За стручното лице:

  • Претходни наоди и извештаи од други стручни лица, како и здравствената книшка.
  • Кратки видеа од секојдневието, ако сакате да ги покажете. Детето во непознат простор може да се однесува поинаку отколку дома, а видеото покажува како изгледа обичниот ден.

За детето: ужина и вода, омилена играчка и нешто што го смирува. Можно е да се чека, а средбата да трае подолго од очекуваното.

Објаснете му на детето

Со едноставни зборови кажете му каде одите и што ќе се случува, на пример: „Денес ќе запознаеме нови луѓе и ќе си играме.“ Ако го знаете името на стручното лице, кажете го: „Ќе одиме кај [име], кој си игра со деца и разговара со нив.“ Не ветувајте нешто што не знаете, на пример дека нема да чекате или дека ќе заврши брзо.

Ако е можно, покажете му слики од просторот или подгответе кратка сликовна или социјална приказна. И ова го препорачува Raising Children Network.

Што да очекувате

Секоја установа работи малку поинаку, но добро е да знаете неколку работи однапред:

  • Средбата може да трае подолго. Во некои установи проценката, заедно со разговорот за наодите, трае и до час и пол.
  • Ретко е само една средба. Стручните лица често го гледаат детето неколку пати пред да донесат заклучок.
  • Можно е едно стручно лице да разговара со вас, а друго да работи со детето.
  • Ќе ви поставуваат многу прашања за развојот на детето: кога проодело, кога ги кажало првите зборови, како си игра. Тука ќе ви помогнат забелешките.
  • Ако можете, не ги носете другите деца, за да можете целосно да се посветите на средбата. Поддршката од друг возрасен, партнер, роднина или пријател, е добредојдена.

За време на средбата

  • Слободно прашајте ако нешто не ви е јасно. Нема глупаво прашање.
  • Запишете ги препораките или побарајте да ви ги напишат.
  • Прашајте колку долго ќе трае проценката и кога ќе ги добиете резултатите.
  • Договорете го следниот чекор и кога да се јавите повторно.

По средбата

Средбата е напорна и за детето. Направете нешто пријатно заедно: прошетка, омилена игра или нешто што го радува. Дајте си време и вие да ги средите мислите и информациите. Не мора сѐ да разберете или решите истиот ден.

  • Ако во извештајот има стручни зборови што не ги разбирате, прашајте за објаснување.
  • Ако не се согласувате со заклучокот или мислите дека нешто недостасува, кажете го тоа. Можете да побарате и второ мислење од друго стручно лице.

Извори и дополнително читање

ℹ️ Важна напомена. Содржината на овој текст е наменета само за општо информирање и не претставува медицински, терапевтски или друг стручен совет. Не ја заменува проценката, дијагнозата или третманот од лекар, дефектолог, логопед или друго стручно лице што го познава вашето дете. Секое дете е различно, и она што помага кај едно дете не мора да помогне кај друго. Ако имате загриженост за здравјето, развојот или однесувањето на вашето дете, обратете се кај стручно лице. Линковите кон надворешни страници се дадени за дополнително информирање. Здружението Аурора Лумина не е одговорно за нивната содржина и не ги контролира. Информациите и линковите се проверени на датумот на објавување и со текот на времето може да се променат.

Leave a Reply