Кога децата немаат зборови за она што го чувствуваат, чувствата често излегуваат преку плач, викање или повлекување. Именувањето на емоциите е прв чекор кон нивно разбирање и смирување.
Именувајте ги чувствата во секојдневието
Кажете кратко што забележувате: „Изгледаш налутено“, „Тажен си затоа што играта заврши“. Користете ги истите зборови повторно и повторно. Така детето постепено ги поврзува зборовите со телесните чувства. Raising Children Network, австралиската национална веб-страница за родители, исто така советува емоциите да ги именувате во текот на денот, како што се појавуваат, да ги нагласувате вашите сопствени емоции и да вежбате кога детето е смирено.
Користете слики и книги
Чувствата не се гледаат и брзо минуваат, па за многу деца се тешки за разбирање. Сликата, пак, останува пред очите и детето може да се врати на неа колку пати сака. Затоа визуелните помагала се меѓу практиките со најсилна научна поддршка за деца во спектарот, според прегледот на NCAEP. Еве како да ги користите дома:
- Картончиња со чувства. Направете неколку картончиња со едноставни лица: радост, тага, лутина, страв. Почнете со овие четири, а посложените чувства (љубомора, срам, разочарување) додадете подоцна. Користете ги во мирни моменти, како игра: „Покажи ми го лицето што е тажно.“ Подоцна детето може да ги користи и само за да ви покаже како се чувствува, кога не може да го каже со зборови.
- Сликовници. Додека читате, застанете на сликите и прашајте: „Како мислиш дека се чувствува мечето? Зошто?“ Ако детето не знае, кажете вие: „Мислам дека е тажно, затоа што му се скрши играчката.“ Ликовите од книгите се безбеден начин да се зборува за чувства, бидејќи не се работи за самото дете.
- Ваши фотографии. Сликајте го детето и членовите на семејството кога се насмеани, изненадени или тажни, и направете мала книшка. Познатите лица се многу поблиски од цртаните.
- Огледало. Заедно правете смешни, тажни, лути и изненадени лица пред огледалото. Детето ги гледа и вашето и своето лице и учи како изгледа секое чувство.
- „Термометар“ или скала за чувства. Нацртајте скала од 1 до 5, со боја од зелена до црвена. Детето покажува колку е силно чувството: „малку лут“ или „многу лут“. Така полесно ќе забележите кога треба да реагирате, пред чувството да стане премногу силно.
- Социјални приказни. Кратки приказни со слики кои ја опишуваат една ситуација и чувствата во неа: „Кога играта ќе заврши, можам да се чувствувам тажно. Тогаш можам да ја стиснам перницата и да побарам гушкање.“
Картончињата со лица, покажувањето на чувствата при читање и скалата за јачина на чувствата ги препорачува и Raising Children Network, а социјалните приказни се на листата на практики со научна поддршка на NCAEP. Најважно е помагалата да ги користите редовно и во мирни моменти, а не само кога е тешко. Така детето ќе ги знае кога навистина ќе му затребаат.
Прифатете го чувството, ограничете го однесувањето
Сите чувства се дозволени, но не секое однесување. „Лут си и тоа е во ред. Не смееме да удираме. Можеме да тропнеме со нозе или да ја стиснеме перницата.“ Најдобро е ова да го вежбате додека детето е смирено.
Еве уште неколку начини како силната енергија може да се насочи на безбеден начин. Пробајте ги, па задржете ги оние што му одговараат на вашето дете:
- Стиснете нешто меко: перница, плишана играчка, топче за стискање или пластелин. „Лут си? Ајде да ја стиснеме перницата најсилно што можеме.“
- Испразнете ја енергијата преку движење: скокање на место или на трамболина, плескање со раце, кратко трчање во дворот, клоцање топка.
- Пет длабоки вдишувања: вдишете полека низ нос („помирисај го цвеќето“), па издишете низ уста („изгасни ја свеќичката“). Најлесно е кога и вие го правите заедно со детето.
- Дишење по прстите: детето полека го следи со прст обликот на другата дланка. Вдишува кога оди нагоре по прстот, издишува кога слегува.
- Броење до десет, полека и гласно, заедно со вас.
- Кратка пауза: чаша вода, кратка прошетка или неколку минути во тивкото катче.
Едно важно нешто: додека емоцијата е најсилна, детето најчесто не може да прифати никаков предлог. Тогаш е доволно да бидете блиску и да почекате. Овие начини најдобро се учат кога детето е мирно, низ игра, за да ги има при рака кога ќе му затребаат. Повеќе идеи ќе најдете кај Raising Children Network, во текстовите за емоциите кај децата во спектарот и за смирувањето по силни емоции.
Покажете со пример
Децата учат многу повеќе од она што нѐ гледаат нас како го правиме, отколку од она што им го кажуваме. Ако родителот вика кога е лут, детето учи дека така се постапува со лутината, без разлика колку пати ќе му кажеме „не викај“. Ако родителот гласно каже што чувствува и мирно покаже што прави со тоа чувство, детето добива пример што може да го повтори. Тоа не значи дека треба секогаш да бидете смирени. Значи дека и вашите тешки моменти можат да станат лекција.
- Кажете го чувството на глас. „Многу ме нервира што се истури млекото. Ќе вдишам длабоко три пати.“ Потоа навистина направете го, така што детето ќе ве гледа.
- Користете ги истите техники што ги учи и детето. Ако детето учи да стиска перница или да брои до десет, нека ве види и вас како го правите тоа кога ви е тешко.
- Кога ќе згрешите, поправете го пред детето. „Викнав затоа што се налутив. Не беше во ред. Следниот пат прво ќе вдишам длабоко.“ Така детето учи дека грешките се поправаат и дека и возрасните учат.
- Именувајте ги и убавите чувства. „Многу ми е мило што заедно ја завршивме сликата.“ Децата треба да ги препознаваат сите чувства, не само тешките.
- Бидете доследни. Истите кратки зборови и истите техники, секој ден. Повторувањето е она што го прави примерот разбирлив.
Некои деца ќе почнат да ве имитираат брзо, на други им треба многу повторување и време. Затоа примерот нека биде краток, јасен и секогаш ист. Учењето преку покажување и имитирање (на стручен јазик „моделирање“) е една од практиките со научна поддршка за деца во спектарот, според големиот преглед на истражувања на Универзитетот во Северна Каролина (NCAEP). И Raising Children Network им советува на родителите да ги нагласуваат сопствените емоции пред детето, токму за да има од кого да учи.
Кога да побарате совет од стручно лице
Ако емоциите често се премногу силни за детето, ако се повлекува, се повредува себеси или другите или ако секојдневието стана тешко, разговарајте со психолог или друго стручно лице.
Извори и дополнително читање
- Raising Children Network (Австралија): Emotional development: autistic children and teenagers. (на англиски)
- Raising Children Network (Австралија): Calming down from strong emotions: why children need help. (на англиски)
- Steinbrenner, J. R. и сор. (2020). Evidence-Based Practices for Children, Youth, and Young Adults with Autism. National Clearinghouse on Autism Evidence and Practice, FPG Child Development Institute, University of North Carolina at Chapel Hill. (на англиски)
- Трајковски, В. и Василевска Петровска, И. (2020). Поддршка на социјални вештини и позитивно родителство: прирачник за родители на деца со состојби од аутистичен спектар и професионалци од нивниот круг на поддршка. Македонско научно здружение за аутизам, Скопје. (на македонски)
Споделете го текстот:
ℹ️ Важна напомена. Содржината на овој текст е наменета само за општо информирање и не претставува медицински, терапевтски или друг стручен совет. Не ја заменува проценката, дијагнозата или третманот од лекар, дефектолог, логопед или друго стручно лице што го познава вашето дете. Секое дете е различно, и она што помага кај едно дете не мора да помогне кај друго. Ако имате загриженост за здравјето, развојот или однесувањето на вашето дете, обратете се кај стручно лице. Линковите кон надворешни страници се дадени за дополнително информирање. Здружението Аурора Лумина не е одговорно за нивната содржина и не ги контролира. Информациите и линковите се проверени на датумот на објавување и со текот на времето може да се променат.


Leave a Reply